Црвено-црните објаснуваат дека од претпријатието задолжено за најголемиот фудбалски стадион во Македонија, им биле одбиени понудите да го изнајмат стадионот до крајот на сезоната. Управата на Вардар најавува дека кога-тогаш ќе се врати на Арената „Тодор Проески“.
Соопштението на ФК Вардар ви го пренесуваме во целост:
НИЕ ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ!
Поради потценувачкиот однос на ПУИГ кон Вардар, нашиот клуб до крајот на оваа сезона нема да настапи на Градскиот стадион во Скопје.
И покрај фактот што уредно испративме допис во кој јасно наведовме дека сумата за изнајмување на стадионот ќе ја исплатиме во целост, добивме негативен одговор по однос на нашето барање. Да напоменеме дека покрај се, понудивме и механизам преку кој можевме да постигнеме заеднички договор, но сепак и во однос на тоа бевме категорично одбиени.
Ние ниту го создадовме, ниту го продлабочивме долгот на Вардар, а згора на тоа континуирано се трудиме истиот да го намалиме. Вие, ,,господа” од ПУИГ, денес ја затворивте вратата за најтрофејниот македонски фудбалски колектив и одлучивте да не бидете дел од една искрена приказна која ја создаваме. Никогаш нема да го заборавиме ова и никогаш нема да ви го простиме!
Вашите имиња ќе стојат засекогаш на столбот на срамот, во вашите удобни фотељи никогаш повеќе нема да седнете мирно.
За крај, би сакале да Ви порачаме дека Вардар вам ништо не ви должи. Од денес вие сте тие кои должите. Вашиот понижувачки чин скапо ќе го платите, а Вардар ви ветуваме дека кога-тогаш повторно ќе заигра во својот дом…дом во кој вие никогаш нема да се почувствувате како домаќини!
Вардарци, наши верни навивачи, утре го играме најважниот натпревар. На нашите фудбалери им е потребна поддршка повеќе од било кога. Затоа, масовното присуство на стадионот ,,Борис Трајковски” е неопходно за победа!
Напред Вардар!