Андов е роден во Кавадарци на 30 ноември 1935 година. Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година. Бил секретар на Средношколскиот и на Општинскиот комитет на Народната младина, професор во Гимназијата со економски паралелки „Ј. Б. Тито“ од 1959 до 1963 година и во Работничкиот универзитет „Моша Пијаде“ во Кавадарци.
Работел во Земјоделскиот комбинат „Тиквеш“ во Кавадарци од 1963 до 1964 година, каде што бил секретар на Основната организација на СКМ и директор на Аналитичко-планскиот сектор.
Потоа заминал на работа како професор во Политичката школа на ЦК на СКМ во Скопје (1964-1965) и советник во Извршниот совет на Собранието на СРМ (1965-1967). Бил претседател на Собранието на Општината Кавадарци од 1967 до 1970 година, а потоа претседател на Републичкиот центар за идеолошко-политичко образование и студии во Скопје од 1970 до 1971 година и член на Секретаријатот на ЦК на СКМ. Бил избиран и на разни републички и сојузни општествено-политички функции.
Во неколку наврати ја извршуваше функцијата претседател на законодавниот дом, беше пратеник, а во 1999 година се кандидираше и за претседател на државата.