Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава.
-Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, потврдија од МВР за МИА.
Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.